Истражувачи од Универзитетот на Тел Авив го создадоа можеби најчувствителниот уред за идентификација на мирис во светот со комбинирање на денешната врвна електроника и вештачка интелигенција со „технологија“ стара стотици милиони години – антена на скакулец.
Некои аеродроми користат „роботи со вештачки нос“ за откривање криумчарења, на пр. на марихуана. Сепак, оние понапредните аеродроми користат кучиња, бидејќи вештачките технологии сè уште не можат да се натпреваруваат со милиони години еволуција, како што велат проф. Јоси Јовел, д-р Бен Маоз и нивниот тим.
Инсектите почнале да се појавуваат пред половина милијарда години и тоа е доволно време тие да ги развијат своите способности. Комарецот, на пр., може да открие разлика од 0,01 отсто во концентрацијата на јаглерод диоксид, што ги води до „оброкот“ – суштества кои издишуваат јаглерод-диоксид. Човекот не е ни блиску до такви способности…
Израелскиот пустински скакулец мириса со своите антени. Трикот е да се поврзе тоа биолошко сетило со вештачки систем којшто тимот го нарекува „едноставна електро-антенограмска технологија“ опремена со софтвер за анализа на мирис. Нивниот био-механички робот за мирис е 10.000 пати почувствителен од вообичаено користените електронски уреди за мирис.
– Што е едноставна технологија на електроантенограм? Информациите во телото на сите живи организми се пренесуваат преку електрични импулси. Нашите сетилни органи претвораат различни видови стимули од околината (на пр., молекулите на мирис) во електрични сигнали, објаснува Маоз.
Технологијата на електроантенограм овозможува „читање“ на сигналите генерирани од антените на инсектите како одговор на специфични миризливи сигнали.
– Овие сигнали потоа се испраќаат до алгоритам за учење, заради идентификација… Всушност, по завршувањето на експериментот, продолживме да идентификуваме дополнителни различни и необични мириси, како што е шкотското виски. Споредбата со стандардните мерни уреди покажа дека чувствителноста на „носот“ на инсектот во нашиот систем е околу 10.000 пати поголема од уредите што се користат денес, истакнува проф. Јовел.
Запрашан за тоа – што се случи со скакулците, д-р Маоз објаснува дека само една од двете антени на инсектот е отстранета и дека единка може да живее само со една. Но, истражувачите мораа да решат и друг проблем, органскиот материјал брзо се распаѓа.
– За ова истражување создадовме уред којшто може да ја продолжи функционалноста на антената до 12 часа. Ова засега е доволно за оваа работа, вели професорот Маоз. – Природата е многу понапредна од нас, затоа треба да ја искористиме. Принципот што го покажавме може да се користи и примени на други сетила, како што се видот и допирот. На пр., некои животни имаат извонредни способности да откриваат експлозиви и дрога. Создавањето роботи со биолошки нос може да помогне да го спасуваме човечкиот живот и да ги идентификуваме криминалците на начин што денес не е можен. Некои животни умеат да откриваат и болести. Само небото е граница!, истакна проф. Маоз.
Сè уште е рано да се разговара за комерцијализација, но тимот има големи визии, па веќе се во разговори со различни владини и комерцијални субјекти.