Долгоочекуваното продолжение на серијата „Луди 70-ти“ (That 70’s Show) е веќе на Нетфликс и заврши првата сезона. Приказната е сместена во деведесеттите, а новата ТВ-серија „Луди 90-ти“ има и „нови деца“, но ги има и старите познати лица, коешто, според некои критичари, направило „безличен хаос од носталгија и шеги“, кои веројатно некому нема да му бидат смешни.
Години подоцна, иако заврши со емитувањето, „Луди 70-ти“ е сè уште актуелна, бидејќи некако, луѓето претпочитаат да избегаат во зоната на удобноста со познати сценарија кои веќе ги научиле на памет… Особено во корона-пандемијата и ограничувања на движењето коишто се зад нас.
Во новата серија, улогата ја продолжуваат „бабата и дедото“ – Кити и Ред Форман (Дебра Џо Руп, Куртвуд Смит). Но, се чини, главниот проблем е што се губи шармот на првата актерска екипа, а второ, можеби уште поважно – сценариото не е доволно смешно, според критичари.
Во новите епизоди, ќерката на Дона и Ерик (Лора Препон и Тофер Грејс, кои исто така, ги продолжуваат своите – овојпат епизодни, улоги), инаку по име Леја (Кали Хаверда), крстена по лик од „Војна на ѕвездите“, запознава ново друштво во Висконсин, градот на нејзините родители, и решава да го мине летото со баба ѝ и дедо ѝ. Новиот тим, велат строгите критичари – функционира како „парафраза“ на старите ликови… Минус хуморот и шармот од 70-тите.
Некои критичари забележуваат и дека приказната нема многу врска со 90-тите. Ставот на децата и нивното размислување повеќе одговара на тн. „генерација Зи“ од денешнината, што е повторно нормално, затоа што продуцентите веројатно целат кон таа публика. Но, од друга страна, отвореноста на општеството кон сексуалните малцинства како и „расното шаренило“ се многу впечатливи… Иако во 90-тите не беше баш така.
Серијата има и неколку „дупки“ за заплетот. Повторно, во одбрана на самата серија, тоа и не е важно бидејќи сѐ тоа е направено заради шега.
Хајд како лик не се ни спомнува, веројатно затоа што глумецот Дени Мастерсон издржува казна за повеќекратни силувања на девојки.
Келсо и Џеки (Ештон Кучер и Мила Кунис) навистина завршиле заедно, иако крајот на оригиналната серија не го навестуваше тоа. Ќерката на Келсо, глумена од Меј Коронел навистина изгледа како „дете на Ештон и Мила“.
Сепак, на Семрежната филмска база на податоци – ИМДБ, оценките на секоја епизода се над 8 / 10.