Некои филмови носат порака што може совршено да се преведе на кој било јазик. Добар пример е успешната преработка на францускиот филм „Семејството Белије“ (La Famille Belier), чијашто американска верзија „КОДА“ доби „Оскар“, или пак, шведскиот филм „Човек по име Ото“, олицетворен во холивудското остварување со Том Хенкс...

Сепак, италијанската продукција „Совршени странци“ (Perfetti Sconosciuti) на режисерот Паоло Џеновезе, официјално го има Гинисовиот рекорд за најмногу преработки - за само седум години, филмот доби различна верзија на дури 24 јазици. Имено, филмот веќе може да се проследи и на кинески, руски, корејски, грчки, шпански, турски, француски, германски, ерменски, унгарски јазик итн.

Иако има различно име на некои од тие светски јазици, секоја верзија има исти седум протагонисти и сличен заплет. Во оваа комедија, група пријатели се собираат на домашна забава и за да докажат дека немаат што да кријат еден од друг, се впуштаат во мала игра - секој од нив ги изложува сите свои текстуални и гласовни пораки од телефонот. Тоа, секако, води до неочекувани неволји.

Инаку, правата за снимање на американската преработка беа купени од компанијата на Харви Вајнштајн, кој набргу потоа беше суден за серија сексуални престапи. Така, оваа приказна сѐ уште не е снимена на англиски јазик.

Најновата верзија на овој популарен филм е на исландски, а првпат беше прикажана на 6 јануари. Судејќи според угледот што го има „Совршени странци“, веројатно ќе добиеме барем уште една преработка оваа година.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/01/2023 13:26