Теглите во коишто се чуваат зачини, се меѓу оние места во кујната кои имаат најмногу патогени бактерии и вируси, покажа неодамнешно истражување во САД.

Имено, американското Министерство за земјоделство, т.е. Одделот за безбедност на храната нарача испитвање на распространетоста и степенот на вкрстена контаминација на различни површини во кујната при подготовка на оброците. Проценките говорат дека еден од пет случаи на болести предизвикани од храна се добива дома. Сепак, не е точно познато како патогените се пренесуваат во кујната.

Научниците им наложиле на 371 испитаник да готват храна со мелено мисиркино месо коешто го содржи безопасниот вирус МС2. Потоа зеле примероци од површините во нивните кујни. Откриено е дека 48 отсто од теглите за зачини имаат микроорганизми од мисирката, што укажува на вкрстена контаминација со MС2, односно теглите со зачини имале најголема концентрација на вирусот во споредба со другите кујнски помагала.

Советот гласи – редовно мијте ги садовите со зачини.

Анализата на брисевите покажа дека во повеќето случаи бројот на примероци кои укажуваат на контаминација со МС2 изнесува околу 20 насто. Исклучок се садовите со зачини.

Научниците веруваат дека теглите со зачини се поподложни кон налепување патогени, бидејќи луѓето едноставно не ги чистат доволно често, т.е. вниманието повеќе е насочено кон миење на работните површини, кујнскиот прибор и така натаму.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/01/2023 15:42