Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски изврши увид во градежните работи на градинката „Пролет“, која е прва градинка во истоимената населба и прва по цели 50 години во оваа Општина.

- Одлично се одвива динамиката за изградба на најмодерната градинка во Општина Центар, градинката „Пролет“. Со градежни работи започнавме во јули минатата година и градбата напредува, во моментов околу 40 отсто од градежните зафати се готови. Градинката „Пролет“ ќе се простира на површина од 3.276 квадратни метри, ќе биде на две нивоа со капацитет за згрижување на 150 деца во 9 занимални. Ќе располага со лифт и надворешно игралиште до кое можат да пристапат и деца со попреченост во движењето, атриум, просторија за лекар со изолација за дете и сопствена кујна со трпезарија за свежо приготвена и здрава храна за дечињата, посочи Герасимовски.

Изградбата на градинката е целосно финансирана од Општина Центар и ќе чини околу 2,5 милиони евра. Со изградбата на оваа градинка која е единствена во населбата „Пролет“, Општина Центар решава огромен неколку децениски проблем за родителите кои децата на згрижување ги носат во соседните населби. Изградбата на градинката е целосно финансирана од Општина Центар и ќе чини околу 2,5 милиони евра.

Општина Центар останува посветена и фокусирана во реализирање на проекти за сите граѓани вклучувајќи ги и најмладите.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/02/2023 11:59