Новата компанија „Колосат бајосајенсес“ (Colossal Biosciences) од Далас, САД, соопшти дека науката е блиску до лабораториско испилување на додо - птица што исчезнала во 17. век. Имено, научниците сметаат оти успешно го дешифрирале целиот нејзин геном. Тие претходно изјавија дека планираат да „ги пресоздадат“ и тасманскиот волк и крзнениот мамут, долгорочно.

Компанијата успеа да собере вкупно 1,5 милијарди долари за проектот. Но, се чини, има уште многу работа пред науката „да го воскресне“ додото. Научниците не можат да го пресоздадат животот од нула, туку замислата е развој на начин за тоа како да вметнат гени од птицата додо во ембрионот на веќе постоечко животно, пишува „Бизнис инсајдер“ (Business Insider).

- Следниот чекор е да се споредат генетските информации со гените на блиските (еволутивни) роднини на овие птици, како што се „Никобарскиот гулаб“ и „осаменикот Родригез“ за да се открие точно кои мутации го прават додото - додо, изјави Бет Шапиро, генетичарка и предводничка на проектот.

Крајната намера, според научникот, е повторно да ги има овие птици на Маврициус, каде што живееле пред да луѓето да ги истребат.

Планот е „многу, многу предизвикувачки“, смета Јуан Бирни, заменик директор на Европската лабораторија за молекуларна биологија, кој не е вклучен во проектот.

- Постојат јасни етички прашања за создавање вид кој ќе треба да биде пуштен во дивината. Некои луѓе мислат дека ако нешто може да се направи, тогаш треба да се направи. Но, не сум сигурен точно која е целта на сѐ ова и дали тоа е навистина најдобрата распределба на ресурсите. Прво треба да ги спасиме видовите што ги имаме пред да исчезнат!, истакна Бирни.

„Колосат бајосајенсес“ тврди дека преку овие истражувања сака да помогне и во зачувувањето на веќе постоечките видови.

- Очигледно сме среде криза на истребување. Особено се радувам на унапредувањето на генетските алатки за спасување на загрозените птици, коментира Шапиро.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/02/2023 13:17