Заеднички живот или брак може да спречи дијабетес тип 2, без разлика дали врската е среќна, покажуваат истражувањата. Наодите се објавени во стручното списание „Би-ем-џеј“ (BMJ Open Diabetes Research & Care).
Претходни истражувања покажаа дека среќно венчаните луѓе имаат голем број здравствени последици и придобивки во споредба со самците, вклучувајќи подолг живот, помалку мозочни и срцеви удари, помалку депресија и поздрава исхрана. Нов научен труд конкретно го разгледува нивото на шеќер во крвта кај повозрасни луѓе, па анализите посочуваат дека бракот или заедничкиот живот помага да се задржи нивото на шеќер под контрола. Се покажа дека ова е точно без разлика дали врската е среќна или стресна и не толку среќна.
Универзитетот на Луксембург и Универзитетот во Отава во Канада ги проучувале податоците од британското долгорочно „Лонгитудинално истражување за стареење“, за 3.335 луѓе на возраст 50 - 89 години кои немале дијабетес на почетокот на следењата.
Земени биле податоци за крвта и нивоата на HbA1c (просечна гликоза во крвта).
Луѓето биле прашани дали имаат сопруг/-а или партнер/-ка со кој/-а живеат и за нивото на стрес и поддршка во врската. Така, 76 отсто од луѓето со низок шеќер живееле со некого. Истражувачите потоа откриле дека квалитетот на врската не влијае значително на просечното ниво на гликоза во крвта, што укажува на тоа дека да се има поддршка или затегнат однос е помалку важно отколку тоа - да се има каква било врска.
„Генерално, нашите резултати сугерираат дека брачните/партнерските односи се обратно поврзани со нивоата на HbA1c без оглед на димензиите на брачната поддршка или стресот“, заклучија тие. - „Исто така, овие односи, се чини, имаат заштитна делотворност против нивоата на HbA1c над прагот за преддијабетес“.
Дијабетесот погодува околу 422 милиони луѓе ширум светот - главно со ниски и средни примања, а најмалку 1,5 милиони годишно умираат како последица на шеќерната болест, покажуваат податоците на Светската здравствена организација.