Од Град Скопје информираат дека е испратена екипа на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје во Газиантеп, Турција, а на утрешната вонредна седница на градскиот Совет е предложено да се одобрат шест милиони денари првична хуманитарна помош за Турција и за Сирија кои беа погодени од разорен земјотрес.

- Како првична и интервентна мерка Градот Скопје испрати екипа на Територијална противпожарна бригада на Град Скопје кон Газиантеп каде ќе биде ставена на целосно располагање на турските власти за сите потреби на спасувачката акција. На утрешната седница на Советот на град Скопје предложивме и точка на дневен ред за одобрување на 6 милиони денари првична хуманитарна помош за Турција и Сирија, информираа од Град Скопје.

Оттаму велат дека се во контакт со локалните власти од Газиантеп и дека се што ќе произлезе како потреба на тамошните власти, Град Скопје ќе го става на располагање.

- Скопје знае што значи солидарност. Скопје е град на солидарноста, се вели во соопштението од Град Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/02/2023 02:09