Сајмон Дејл од Велс, отвори блог на којшто објавува слики од својот дом, па стана вистинска сензација, бидејќи се работи за мала еко-куќа, како од бајките.
Британецот изградил сопствен дом за забава, но и за подигање на еколошката свест и одржување на животната средина. Тој користел едноставни алатки како што се лопати, длета и чекани, а повеќето од материјалите се фрлени предмети и искористени уреди. Од современата технологија, Сајмон употребил само моторна пила со која исекол 30-тина мали дрвца. Ниту едно старо дрво од шумата не е исечено за потребите на ова семејство.
- Нашите резерви се намалуваат, а планетата е во еколошка катастрофа. Забавно беше. Се исплати да го живееш животот на свој начин. Ако ги следиме нашите сопствени соништа, ја одржуваме нашата душа жива, изјави Велшанецот.
Само четири месеци му биле потребни да ја изгради оваа куќичка од дрво, камен и слама, а има и земјен покрив. Се загрева со камин, а на кровот се поставени сончеви панели. Куќата, инаку, чинела 3.000 фунти или околу 3.300 евра.
- Ваквиот начин на живеење е во хармонија со светот и со нас самите. Вие ќе ги правите работите едноставно користејќи го вистинското ниво на технологија. Овие евтини природни куќи се погодни не само поради нивната одржливост, туку и поради нивниот потенцијал да обезбедат достапен дом којшто на луѓето им овозможува пристап до земјиштето и можност за поедноставен живот, појасни Сајмон.
Следниот потфат е садење нови дрвја и градини.