Шпанската филмска академија му укажа последна почест на покојниот шпански режисер Карлос Саура на доделувањето на наградите „Гоја“ во саботата.

Саура, имено, кој почина ден претходно, во петокот, на 91-годишна возраст, требаше да ја прими почесната награда „Гоја“ за животни достигнувања. Нему тоа признание му беше доделено постхумно, а одличјето го прими неговата вдовица Еулалија Рамон, која ги прочита зборовите што режисерот ги напишал пред неговата смрт: „Жал ми е што не можам да бидам со тебе“.

Саура, меѓу другото, е заслужен за востановувањето на шпанското уметничко кино по профашистичката диктатура на Франциско Франко во првата половина на 20. век.

Меѓународната почесна награда ѝ припадна на француската глумица Жулиет Бинош.

„Ѕверови“ (As Bestas) е напнат трилер којшто освои девет „Гоја“ награди годинава, меѓу кои и за најдобар филм, сценарио (Изабел Пења), режија (Родриго Сорогојен), главна и споредна машка улога (Денис Меноше, Луис Захера). Шпанската филмска ѕвезда Пенелопе Круз беше номинирана за најдобра споредна женска улога за „На маргините“ (En Los Margenes) - филм за проблемите со домувањето. Во оваа категорија победи Сузи Санчез за улогата во филмот „Приспивна“.

Најдобар европски филм е норвешкиот „Најлошата личност на светот“ (Verdens verste menneske).

Наградата „Гоја“ е најважната државна филмска награда во Шпанија, која се смета за еквивалент на американскиот „Оскар“. Се доделува од 1987, а категоријата за најдобар европски филм е воведена во 1992 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/02/2023 09:25