Антипиратската „Алијанса за креативност и забава“ (Alliance for Creativity and Entertainment - „А.Ц.Е.“) успеа да ја затвори интернет-страницата „Екстрим даунлоуд“ (Extreme Download), еден од најголемите светски сервиси за симнување нелегални содржини.
Тoa беше втората најпопуларна пиратска страница во Франција, од каде што беше иницирана акцијата за нејзино исклучување и затворање. Постоеше околу 15 години и долго време се спротивставуваше на обидите за укинување. Уредувачите често ги менуваа домените и на други начини го избегнуваа блокирањето на француските интернет-провајдери и од „Гугл“.
„Екстрим даунлоуд“ нудеше повеќе од 40 илјади наслови на филмови и ТВ-серии, во нивната оригинална верзија, но и синхронизирани на француски јазик. Услугата бележеше меѓу 14 и 15 милиони посетители месечно.
Платформата е конечно затворена откако е откриен нејзиниот главен оператор. Станува збор за Тунижанец, кој ја водел страницата од островот Џерба. Откако бил откриен, сопственикот на страницата ги предал сите свои домени на здружението „А.Ц.Е.“.
Освен од Франција, најмногу сообраќај генерирале корисници од Белгија, Канада и Швајцарија, односно од француското говорно подрачје. Здружението „А.Ц.Е.“ ја прогласи оваа успешна акција за голема победа во заштитата на авторските права во франкофонските земји.