Родителите вообичаено се надеваат дека ќе одгледаат ментално силни деца кои ќе може полесно да се вратат од неуспех и да ги надминат животните разочарувања. А, воспитувањето ментално силни деца почнува со мали, секојдневни постапки што му покажуваат дека родителите го поддржуваат без разлика на сѐ.
Како што објаснуваат психолозите, има неколку работи кои родителите ги прават, а придонесуваат за подобар развој на нивните деца, пренесува „Мадерли“ (Motherly).
Така, според психолозите, родителите на ментално силните деца им дозволуваат на своите малечки сами да пробуваат нови работи. Дури и на најмала возраст, родителите кои поттикнуваат решителност кај малите, придонесуваат за нивна поголема цврстина. Тоа го поттикнува детето и ќе му помогне да стане посилен и поотпорен човек.
Покрај тоа, се нагласува и дека родителите на ментално силните деца знаат како да ги контролираат своите фрустрации и да се справат со негативните емоции. А, децата секогаш гледаат и ги имитираат своите родители, кои мора да бидат најдобриот можен пример за нив. Исто така, ментално силните деца имаат родители кои ги поддржуваат и им помагаат во тешките моменти.
Иако е добро да му се дозволи на детето одвреме-навреме да испроба одредени предизвици и да прави грешки, родителот треба да се вклучи и да помогне доколку неговото дете се бори со одредени проблеми, па и ако му е потребна мала помош. Детето така ќе стекне самодоверба, но и ќе ја почувствува сигурноста потребна за квалитетен раст и развој.
И последно, но не и најмалку важно - поттикнување на размислување.
Имено, начинот на размислување е поврзан со издржливоста во соочувањето со разните животни проблеми. Родителите треба да го научат детето дека трудот е секогаш поважен од резултатите. Наместо да му се каже на детето колку е паметно или атлетски градено, размислете за повратни информации за работите над кои тоа има контрола, како што е напорната работа или упорноста.
Главната цел на родителите треба да биде да го научат детето секогаш да биде подготвено повторно да се обиде, да вежба, да се подобрува и да научи дека кога работи напорно, порано или подоцна може да го постигне она што го сака.