Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и делегација од Општина Кисела Вода, денеска положија свежо цвеќе на споменикот на Кузман Јосифовски Питу, во истоименото училиштето кое денес го одбележува својот патронат, известуваат од Општината.

- Ова училиште постои 61 година и со себе ја носи историската мисла за македонскиот херој Питу. Задачата на секој поединец, а посебно на училиштето и на локалната самоуправа е таа мисла да ја пренесе на следните генерации и да се води грижа за достојно одржување на сите објекти кои во негов спомен го носат неговото име, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.

Тој наведе дека ОУ „Кузман Јосифовски Питу“, по завршените реконструктивни зафати доби нов покрив и фасада, како и лифт за децата со посебни потреби, сензорна соба, пристапни рампи, специјални тоалети, тактилни патеки, со што тоа е првото целосно инклузивно основно училиште во Скопје.

- Гордост е да се биде во училиште кое го носи името Кузман Јосифовски Питу, бидејќи тој има големо значење во македонската историја. Запаметен е како еден од главните организатори на антифашистичкото движење и на НОБ во Македонија, како еден од првите македонски борци кои го добиле одликувањето Народен херој, како лик кој честопати поради своето храбро дело е нарекуван и Гоце Делчев на Народноослободителната борба. И токму затоа сме должни како Македонци да застанеме пред паметникот на овој голем херој и да му оддадеме чест. На нашите ученици да им раскажеме за неговата борба и да им укажеме на големината на името Кузман Јосифовски Питу. И на оваа генерација, и сите пред неа, и на сите што доаѓаат, истакна Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека подобрувањето на условите за учење и работа се обврска на општината, на која тие посветено работат.

Патронатот на училиштето беше одбележан со музичко-сценска програма во изведба на учениците, како и крводарителска акција организирана во соработка со Црвен крст-Кисела Вода, на која учество зедоа повеќе хумани граѓани.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/02/2023 14:02