Уметници, културни работници и здруженија на граѓани кои извршуваат јавен интерес од локално значење во културата, од денеска можат да аплицираат на објавениот конкурс за финансиска поддршка од страна на Општина Кисела Вода.
- Буџетот кој е издвоен за оваа намена е во висина од 1.6 милиони денари и има за цел да го поттикне создавањето на ново творештво, да стимулира иновативност и креативност, да помогне во развојот на младите уметници, да промовира домашни, меѓународни проекти и активности за вмрежувања, соработки и партнерски проекти, кои придонесуваат кон позиционирањето на Општина Кисела Вода во европските вредности и перспективи. Ова се дел од приоритетите кои ќе бидат вреднувани од страна на комисијата за евалуација, по што ќе врши изборот од пристигнатите апликации по јавниот оглас, велат од Општината.
Основните критериуми што треба да се исполнат од страна на сите уметници, културни работници и здруженија на граѓани се да се жители на Кисела Вода, во последните три години да имаат реализирано или учествувано во реализација на најмалку три проекти од областа на културата, а реализацијата на предложениот проект да биде на територијата на општината или да се однесува и да придонесува за афирмација на Општината.
- Рокот за пријавување започнува од денеска, 24.02.2023 година и трае 15 работни дена, односно заклучно до 16.03.2023 година до 20.00 часот. Пријавите со целокупната документација се доставуваат лично или по пошта на адреса: Општина Кисела Вода, ул. „Петар Делјан“ бр. 17 или во архивата на општината со назнака: Пријава за јавен оглас за финансиска поддршка на уметници, културни работници и здруженија на граѓани кои извршуваат јавен интерес од локално значење во културата во Општина Кисела Вода – Комисија, соопштуваат од локалната самоуправа.
Сите услови, критериуми, како и пријавата и образецот со упатство за пополнување се достапни на веб-страната на Општината.