Еден од најважните фактори кои придонесуваат за климатските придобивки од четиридневната работна недела е намалувањето на неопходното патување.
Во 2011 година, Сајмон Арсел и другите тројца ко-основачи на тогаш младата консултантска компанија за животна средина Тајлер Гранџ во Обединетото Кралство одлучија на сите свои вработени да им дадат еден слободен ден месечно под услов да работат волонтерска работа надвор од компанијата.
Откриле дека многу од нивните нови вработени веќе го посветуваат слободното време на волонтирање, помагајќи им на организациите за зачувување на дивиот свет. „Нашите екологисти отсекогаш сакале да бидат екологисти“, вели Арсел.
Минатата година „Тајлер Гранџ“ го презеде она што некои би го нарекле многу порадикален чекор во корист на благосостојбата на своите вработени, воведувајќи четиридневна работна недела за сите вработени.
Компанијата учествуваше во најголемиот светски експеримент „четири дена неделно“, кој се одржа во ОК од јуни до декември 2022 година. Целта на испитувањето беше да се процени дали компаниите можат да ја одржат продуктивноста со намалени работни часови – и што е најважно , без намалувања на платите на работниците.
А климата?
Менаџерите и вработените во „Тајлер Гранџ“ со ентузијазам ја поздравија промената, а нивните резултати покажаа дека дневната продуктивност се зголемила за 22%. Но, Арсел сакаше да процени уште една работа: влијанието на четиридневната работна недела врз јаглеродниот отпечаток на компанијата. И четиридневната недела се покажа како „неверојатно добра и во тоа“, изјави тој за Би-Би-Си.
„Во просек бележивме 21% намалување на бројот на поминати километри со автомобил“, забележува тој низ насмевка. „Тајлер Гранџ“ исто така ги прекина состаноците и патувањата кои се сметаа за непотребни.
Тестирања низ целиот свет
Дебатата околу четиридневната работна недела се засилува ширум светот. Непрофитната организација која го координираше тестот во Обединетото Кралство, 4 Day Week Global, имаше пилот тестирања и во САД и Ирска, а компании во Исланд, Шпанија, Шведска, Белгија, Јапонија и Нов Зеланд исто така испробаа пократки работни недели.
Но, истражувањето во Обединетото Кралство беше најголемо досега, во кое беа вклучени повеќе од 60 компании и организации. Резултатите беа објавени на 21 февруари, а некои од компаниите почнуваат отворено да го артикулираат она што го сугерираа претходните студии: пократка работна недела може да и помогне на планетата.
Џулиет Шор, економист и социолог на Бостонскиот колеџ и водечки истражувач на 4 Day Week Global, која беше вклучена и во експериментите во Обединетото Кралство и во САД, тврди дека скратувањето на работната недела е важен фактор за намалување на емисиите на јаглерод диоксид во атмосферата.
„Иако климатските придобивки се најтешкиот параметар за квантификација, многу студии покажуваат дека со текот на времето, како што земјите го намалуваат работното време, се намалуваат и емисиите на јаглерод диоксид“, вели Шор. Намалувањето на работното време за 10% е поврзано со намалувањето на јаглеродниот отпечаток за 8,6%, според студијата од 2012 чиј коавтор е Шор.
Помалку часови во патувања
Еден од најважните фактори кои придонесуваат за климатските придобивки од четиридневната работна недела е намалувањето на неопходното патување. Податоците од истражувањето во Обединетото Кралство покажуваат намалување на времето за патување за 10%, од 3,5 часа на 3,15 часа неделно. Во американскиот експеримент од 2022 година, намалувањето беше уште поголемо, од 3,56 на 2,59 часа неделно (пад од 27%).
И во ОК и во САД откриле дека многумина го користеле времето што го заштедувале на активности со ниска емисија на ЦО2, како што се пешачење или хоби дома. Податоците од Британија, исто така, забележаа дека „смената“ во пократка работна недела доведе до поеколошки активности: учесниците поминуваа повеќе време волонтирајќи за еколошки причини и беа повнимателни за рециклирање и купување зелени производи.
„Кога луѓето работат помалку, тие имаат повеќе слободно време за одржливи активности“, забележува Стефани Џеролд, истражувач на Технолошкиот универзитет во Бранденбург во Германија, која не била вклучена во испитувања во ОК и во САД, но има развиено различни модели за намалување на работното време имплементирано од австриски компании.
Интернет сообраќајот (исто така) паѓа
Неочекуван резултат што го забележаа во „Тајлер Гранџ“ беше дека емисиите на јаглерод диоксид поврзани со испраќањето и складирањето податоци исто така беа значително намалени. Секој од големите центри за податоци може да троши количество електрична енергија како 50.000 домови. „Недостатокот на [онлајн] деловен сообраќај во петок може да има значително влијание врз емисиите, потенцијално уште позначајно од намалувањето на патувањето“, вели Арсел.
Загриженост
Меѓу речиси сите компании кои учествуваа во британскиот експеримент, „пресудата“ беше позитивна: пократката работна недела е од корист за бизнисот и животната средина. Но, некои експерти забележуваат дека намалувањето на работното време може да биде придружено со други, индиректни ризици за животната средина.
На нивниот дополнителен слободен ден, вработените не мора да се вклучат во „зелено“ однесување. Некои би можеле да се качат во авион за да го прослават својот платен петок во странство. „Тридневен викенд може да доведе до поголема потрошувачка на стоки и услуги" со висок јаглероден отпечаток, вели Анупам Нанда, професор по урбана економија на Универзитетот во Манчестер.
„Ако на крајот земете авион или се возите сто километри од забава" тоа нема да помогне во борбата против климатските промени и кризи“, вели Нанда.
Ниту во ОК ниту во САД не е целосно пресметан јаглеродниот отпечаток од потенцијалните дополнителни активности на дополнителниот слободен ден. Филип Фреј, истражувач во Институтот за технолошка проценка и системска анализа во Карлсруе, Германија, и автор на книгата „Еколошките граници на работа“, вели дека ја разбира загриженоста за потенцијалните дополнителни емисии од активности вон слободно време, но забележува дека оваа претпоставка се чини дека во моментов не е потврдена.
Фреј дури цитира студија која покажува дека луѓето во Северна Америка и Европа оставаат помал јаглероден отпечаток во деновите од викендот. Но, емисиите за време на викендите не се намалуваат во Источна Азија.
Севкупно, неделните емисии во Северна Америка и Европа беа 40% под просекот, додека емисиите во недела беа скоро 20% над просекот.
Податоците од американската Управа за енергетски информации, исто така, покажуваат дека луѓето во САД согоруваат речиси 10% помалку фосилни горива за време на викендите отколку во работните денови. Поради оваа причина, Фреј проценува дека дополнителен слободен ден во текот на неделата може да ги намали емисиите од согорувањето на фосилните горива.
Дополнителните податоци, исто така, изгледаат релативно смирувачки. Бројот на домашните рекреативни патувања направени од работниците кои учествуваат во истражувањето во ОК се намали за 5,5%, додека речиси и да нема промена во бројот на меѓународни летови заради рекреација. Меѓутоа, американска студија не открила промена во домашните рекреативни патувања, додека меѓународното патување се зголемило повеќе од двојно, но нивната фреквенција пред „експериментот“ била мала.
Сепак, и покрај зголемениот број на истражувања, остануваат премалку податоци за целосно да се разбере какво би било влијанието врз климата со преоѓање на четиридневна работна недела.
Можеби ќе биде тешко прецизно да се измерат некои од климатските придобивки поради други фактори кои имаат влијание. Во 2022 година, на пример, цените на енергијата пораснаа, што го отежнуваше анализирањето на влијанието што четиридневната недела го има врз какви било намалувања во потрошувачката на енергија на компаниите.
Во секој случај, загриженоста за животната средина не е главниот двигател за многу од фирмите вклучени во истражувањата. Затоа, влијанието врз климата не беше истакнато толку многу во споредба со социјалните и економските ефекти како што се рамнотежата помеѓу работата, приватниот живот и продуктивноста.
Понекогаш, компаниите едноставно не се свесни дека може да има некакви придобивки за климата. „Запознав многу малку компании кои навистина размислуваа за четиридневната недела како нешто што ќе има позитивно влијание врз животната средина“, вели Арсел.
Работодавците едноставно имаат други приоритети. Потребни се повеќе истражувања за да се добијат точни податоци. Понекогаш, на работодавците им треба само мал притисок, и тука стапува на сцена владината акција. „Потребна е политичка акција за да се поттикне толку голема промена. Националните влади мора да го покажат патот“, вели Фреј. Шпанската влада неодамна потврди дека ќе им плати до 150.000 евра на малите и средни претпријатија кои ќе ја тестираат четиридневната недела.
Поддршката од владите би можела да се материјализира и на други начини, вели Фреј, како што е намалувањето со закон на максималната граница на работното време или самите да дејствуваат како пионери. „Јавниот сектор е еден од најголемите работодавачи во сите европски земји. Ако понуди четиридневна недела, приватните компании ќе мора да останат конкурентни за да привлечат вработени, вели тој.
Сепак, колку повеќе компании самите ќе се впуштат во оваа територија, толку повеќе владите ќе бидат притиснати да дејствуваат.
„Овие пилот-програми се навистина важни за да се поттикне политичката агенда, особено ако климатските придобивки влегуваат во разговорот“, вели Џеролд.
Четиридневната недела, исто така, има предност во однос на многу други климатски решенија: таа не се сфаќа како жртва. Пократка работна недела без загуба во платата е радосна работа. Тоа е нешто што сите го сакаме, истакнува Џеролд.