Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со новиот унгарски амбасадор Андраш Клајн, на која му ја претставил личната карта на општината, како и приоритетните проекти предвидени во неговата програма.
На средбата, како што соопштија од Општината, се разговарало и за досегашната соработка со Унгарија преку нејзината Амбасада во земјава.
- Општина Кисела Вода секоја година е дел од чествувањето на Националниот ден на унгарскиот народ и го одбележува со пригодна свеченост пред спомен плочата на Шандор Петефи во населбата Драчево. Петефи е една од клучните фигури во Унгарската револуција од 1848 година и поставувањето на темелите за целосно осамостојување на унгарската држава. Ѓорѓиевски проговори со амбасадорот и за одличната соработка со Здружението на унгарците во Македонија, „Теледом", чиј претседател Јожеф Шутуш беше присутен на денешната средба, се наведува во соопштението.
Заеднички биле дефинирани повеќе области во кои е можно продлабочување на соработката и остварување на уште поблиски релации меѓу Општина Кисела Вода и Република Унгарија.