Дијабетесот е сериозна хронична болест при којашто нивото шеќер во крвта на заболениот е покачено. Иако не е точно познато што предизвикува дијабетес тип 1, се смета дека тоа е последица од автоимуна реакција, при што телото погрешно се брани. А пак, дијабетесот тип 2 честопати е предизвикан од прекумерна тежина или неактивен начин на живот.
Токму поради тоа, лекарите препорачуваат губење килограми и здрава, урамнотежена исхрана со цел, меѓу другото, да се намали опасноста од дијабетес тип 2. Доктор Џозеф Амбани од Кенија, за списанието „Експрес“ (Express) тврди дека јадењето јаткасти плодови особено помагаат во намалувањето на опасноста од оваа болест.
- Јатките како што се бадеми, ореви и индиски ореви, се богати со незаситени масти, растителни влакна, протеини, витамини и минерали здрави за срцето, појасни д-р Амбани.
Според него, редовното јадење јаткасти плодови има доста здравствени придобивки тесно поврзани со дијабетесот. Тие ги намалуваат воспаленијата во телото, го контролираат нивото шеќер во крвта, а со тоа ја регулираат и телесната тежина.