Британскиот принц Вилијам и принцезата Кетрин - Кејт Мидлтон, се и официјално титулирани како принцот и принцезата од Велс. Иако тие титули беа објавени од кралот Чарлс Трети уште во септември 2022 година, поточно ден по смртта на покојната кралица Елизабета Втора, тие досега не беа официјализирани.

„Во согласност со насоките на Неговото височество, кралот, Писмата за патент го минаа Големиот печат на Кралството, датиран на 13 февруари 2023 година, за востановувањето на Неговото кралско височество, принц Вилијам Артур Филип Луис, војвода на Корнвол Ротези и Кембриџ, ерл на Керик и Стратерн, барон на Ренфрју, барон Керикфергус, К.Г., К.Т., лорд на Островите и принц и голем стјуарт на Шкотска, принц на Велс и ерл на Честер“. Тоа е сега целосната официјална титула на принцот Вилијам, според „Газет“, официјалното државно гласило на Обединетото Кралство.

Според кралската традиција, Писмата за патент се „отворен документ од суверенот, кој може да се користи за изразување на волјата на суверенот, на пр. за да се додели канцеларија или да се создаде нов партнер“.

Така, сега принцот Вилијам и неговата сопруга Кетрин Мидлтон официјално ќе бидат нарекувани и војводата и војвотката од Корнвол и Кембриџ, и принцот и принцезата од Велс.

Сепак, познавачите ќе забележат дека на неколку членови на кралското семејство сè уште не им се потврдени нивните нови титули. Тоа се секако, принцот Арчи и принцезата Лилибет, т.е. тригодишниот син и едногодишната ќерка на принцот Хари и Меган Маркл, бидејќи официјалната страница на кралското семејство сè уште ги наведува како господар Арчи Маунтбатен-Виндзор и госпоѓица Лилибет Маунтбатен-Виндзор, без споменување на титулите принц и принцеза.

Војводата и војвотката од Сасекс, принцот Хари и Меган Маркл, според западни медиуми, се чини, се деградирани - бидејќи на официјалната страница, нивната позиција во рубриката „Членови на кралското семејство“ сега е под онаа на принцот Едвард, неговата сопруга Софи, грофицата од Весекс и принцезата Ана.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/03/2023 12:31