Во рамките на програмата за социјална кохезија и културен дијалог што се спроведува во сите градинки во општина Центар, денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и градоначалникот на Општината, Горан Герасимовски во градинката „Кочо Рацин“ учествуваа во активноста „Социо-емоционално учење-клуч за правилен раст и развој за деца од предучилишна возраст“, и заедно со децата вежбаа и садеа цвеќиња.

Како што соопштија од Општина Центар, оваа програма е наменета за деца од две годишна возраст, а целта е да им се помогне да се развијат во здрави социјално-емоционални личности и индивидуи.

-Утрово преку дружба со децата го разбудив детето во себе, нивната среќа е доволна причина да се грижам за нив и нивната иднина. Токму затоа во сите градинки во Општина Центар спроведуваме проекти за социјалното созревање. Затоа е важно континуирано да се работи на зајакнување на воспитниот кадар во градинките и подигнување на квалитетот на предучилишното образование во целост. Менторската поддршка од страна на воспитувачите кон останатиот воспитен кадар има големо значење во целиот процес. Тоа им помага на останатите воспитувачи и негуватели во совладувањето на социо-емоционални стратегии со цел да ги задоволат специфичните развојни потреби на малите деца. Токму затоа е и оваа програма која треба да го зголеми пристапот и подобри квалитетот на предучилишното образование во земјава, изјави Герасимовски.

Во рамки на посетата, градоначалникот Герасимовски ја посетил и сензорната соба која е во склоп на матичниот објект на градинката „Кочо Рацин“ во Капиштец.

Програмата за социјална кохезија која се спроведува во градинките е поддржана во соработка со УНИЦЕФ и Амбасадата на Обединетото Кралство кои овозможија поддршка за воспитувачите во предучилишните установи и социо-емоционалното учење.

Оваа активност Општина Центар и Министерството за труд и социјална политика ја спроведуваат како дел од кампањата „Гласна и храбра“ со цел зајакнување на менталното здравје кај децата.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/03/2023 13:31