Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечерва го совладаа традиционално незгодниот хрватски противник Нексе со 27:23, полувреме 14:11.

Битолчани средбата ја почнаа под притисок на посакуваниот резултат, но и дополнително мотивирани од новиот стручен штаб предводен од тандемот Јовиќ - Шундовски кои успешно го водеа тимот до победа со која го освоија второто место во групата.

Инаку натпреварот се одигра со две различни полувремиња. Во првото Еурофарм Пелистер имаше тесно водство изразено со предност од три голови, а во второто, во периодот од 41 до 48 минута битолскиот претставник во СЕХА лигата водеше со 6-7 и осум голови разлика (20:14, 23:16, 25:17), но на крајот сепак благодарение на одбранетиот пенал на Кизиќ, домашните победија со 27:23, доволна разлика за второ место во групата.

Пред околу 1.500 гледачи, најефикасен во двата тима беше домашниот играч Васиљев со шест постигнати голови.

Освојувањето на второто место во А-групата, значи избегнување во четвртфиналето на фаворитот ППД Загреб.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/03/2023 03:52