Градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски и претседателот на Друштвото на писателите на Македонија Христо Петрески потпишаа Меморандум за соработка. Со Меморандумот, кој е за прв пат потпишан меѓу Општина Илинден и ДПМ, се официјализираа долгогодишната соработка, посочуваат од општината.

- Потпишувањето на Меморандумот е продолжение на плодната соработка низ годините наназад во областа на културата и книжевноста. Според Меморандумот, Друштвото на писателите на Македонија и Општина Илинден заеднички ќе учествуваат во креирањето на програмата и реализацијата на програмските содржини на традиционалната литературна манифестација „Илинден“ која оваа година во месец мај ќе се одржи по 24-ти пат, соопштуваат од општина Илинден.

Оттаму нагласуваат дека во рамки на Меморандумот, ќе се поттикне соработката помеѓу ДПМ и Општина Илинден преку размена на идеи за можни заемни или поддршка на идни проекти. ДПМ ќе учествува и во реализација на конкурсите, чествувањата, работилниците, промоциите, како и литературните читања што ќе бидат организирани во општина Илинден.

- Во знак на благодарност за успешната соработка претседателот на ДПМ, проф. д-р Христо Петрески и проф. д-р Кристина Николовска, претседателка на Собранието на ДПМ, му доделија почесна титула „Пријатели на ДПМ“ на градоначалникот, Александар Георгиевски. Како што истакнаа од ДПМ оваа титула се доделува на почесни пријатели и поддржувачи на асоцијацијата, известуваат од Општина Илинден.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/03/2023 10:11