ЈП „Улици и патишта“ - Скопје ги известува граѓаните дека денеска почнуваат подготвителните активности за реконструкција на коловозната површина на улицата Александар Урдаревски на потегот од крстосницата со улица „Боца Иванова“ до улица „Нов Живот“, односно од првата улица за влез во гробишта „Бутел“ потег кој завршува до улицата „Нов Живот“ во рамки на границите на ГУП.

Првата фаза пред почетокот на градежните работи, како што информираат од ЈП „Улици и патишта“ Скопје е расчистување на просторот од двете страни на коловозот од отпад и грмушки околу трасата, со цел да се обезбедат услови за понатамошните активности, а во текот на наредните денови ќе започнат и со отстранување на старата и оштетена коцка на улицата (макадамски пат од гранитна коцка).

Со започнувањето на градежните активности кои ќе се одвиваат етапно, прво по едната коловозна лента, а потоа на другата, во текот на наредните денови ќе биде воведен и времен режим на сообраќај кој ќе важи до завршување на градежните работи.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/03/2023 10:39