Општина Илинден интензивно работи на реализација на повеќе капитални проекти во населба Јака со цел обезбедување соодветни современи услови за живеење на грѓаните од тој дел на Општината.

-Деновиве се поставува препумпен уред со што се завршува изградбата на фекалната канализација во Јака во вкупна должина од 6300 метри, со која треба да бидат опфатени најголем дел од домаќинства од тој дел на Општината. Со изградбата на препумпниот уред ќе се комплетира системот за одведување на отпадни води во Јака и ќе се создадат услови за приклучување на домаќинствата на системот., соопшти Општина Илинден.

Општината ги повикува сите заитересирани граѓани кои сакаат да се приклучат на системот за одведување на отпадни води, да достават барање за проверка на техничка можност за реализација на приклучок на канализациска мрежа, во администратвните простории на ЈКП „Водовод“ - Илинден.

-Исто така, во Јака завршена е изградбата на примарната водоводна линија со дијаметар Ø225 во должина од 400 метри. Со поставување на овој цевковод ќе се поврзе примарната со водоводната линија од населбата Јака. Со поврзувањето ќе се обезбеди доволно количество вода за корисниците во Јака, се наведува во соопштението.

Според градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, сите инвестиции кои се реализирани во Јака, локалната самоуправа и јавните претпријатија ги финансираат од сопствени средства.

-Со реализацијата на овие капитални проекти се решава долгогодишниот проблем со кој се соочуваа граѓаните од тој дел на општина Илинден, а воедно ќе се подобри квалитетот на животот и ќе се заштити животната средина. Дополнително, во однос на уличното осветлување пуштена е нова линија во должина од 350 метри. Екипите на ЈКП ,,Илинден” работат на поставување и на нови линии за улично осветлување, информира Општина Илинден.

Во наредниот период е предвидена изградба на паркови и повеќенаменски детски игралишта, озеленување, хортикултурно уредување на просторот и многу други проекти кои треба да придонесат за подобри услови за живеење на жителите од Јака.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/03/2023 15:29