Ватикан соопшти дека има намера во вселената да испрати минијатуризирана дигитална книга со порака на надеж што папата Франциск ја упати во 2020 година во екот на пандемијата со Ковид-19.
„Нано-книгата“ ќе биде лансирана во орбитата на височина од 525 километри со ракета на „SpaceX Falcon 9“, која ќе полета на 10 јуни од аеродромот Ванденберг во Калифорнија, соопшти Светата столица на прес-конференција во Рим.
Микро-гравираниот електронски дел од едвај два милиметри ќе биде поставен на правоаголен сателит од околу 30 сантиметри (CubeSat) опремен со соларни панели, а го дизајнираа студенти на Политехничкото училиште во Торино.
На него ќе биде говорот што папата Франциск го одржа на 27 март 2020 година во екот на пандемијата на Ковид.
Тој ден, поглаварот на Католичката црква се појави сам на напуштениот и натопен од дожд плоштад „Свети Петар“, повикувајќи го „уплашениот и изгубен“ свет да ги преиспита своите приоритети.
На латински наречен „Spei Satelles“ („Сателит на надежта“), проектот, чиј буџет не е прецизиран, заеднички ќе го реализираат Ватикан, Италијанската вселенска агенција и разни италијански институти.
Целта на нивната соработка е да го испратат говорот на папата „надвор од земните граници за да може од вселената да допре до што е можно повеќе жени и мажи на нашата планета во потешкотии“, објасни претседателот на Вселенската агенција, Италијанецот Џорџо Сакоча.
Во октомври 2017 година, аргентинскиот папа зборуваше во живо преку видео-конференција со астронаутите на Меѓународната вселенска станица како дел од иницијативата што ја покрена неговиот претходник, Бенедикт Шеснаесетти.