Ајзак „Ајк“ Перлмутер, главен раководител на „Марвел ентертејнмент“, е отпуштен од „Дизни“. Таа подружница ќе биде вметната во поголемите деловни единици на „Дизни“, потврди гласноговорникот на компанијата.
Потегот доаѓа по најавата дека „Дизни“ укинува 7.000 работни места во повеќе бранови отпуштања што почнаа оваа недела. Извршниот директор Боб Игер го нарекува тоа - „стратешко преуредување“ на фирмата.
Работните места треба да бидат елиминирани како дел од напорите за намалување на трошоците во компанијата, пишува порталот „Реп“ (The Wrap).
Роб Гросер, долгогодишен консултант за безбедност на „Марвел“ сметан за близок соработник на Перлмутер, неофицијално, исто така е меѓу отпуштените, како и Роб Стефенс, сопретседател на „Марвел ентертејнмент“, и Џон Турицин, главен советник за тој оддел.