Во случај на развод, со сите проблеми околу старателството, посетите и одгледувањето, децата вообичаено се главната грижа на родителите. Според психолозите, разводот може да влијае на различни начини кај детето, а тоа зависи од возраста, полот и други фактори.
Разводот на сличен начин ги погодува и женските и машките деца, но меѓу нив има некои разлики. Поточно, доживувањето и проживувањето на сѐ тоа кај девојчињата е подолго отколку кај момчињата. Истражувањето покажува дека женското дете има некои негативни симптоми и до една година по разводот - главно депресија, лутина и психички проблеми. Сепак, и овие последици во повеќето случаи исчезнуваат со текот на времето.
Во многу семејства, мајките го добиваат старателството над децата по разводот.
За девојчињата, развивањето силна врска со мајката по разводот им помага побрзо да се опорават од стресот отколку кога би останале со својот татко. Д-р Пол Р. Амато, стручњак за разводи, открива дека односот мајка - ќерка е „поотпорен“ на стресовите по развод.
Меѓутоа, со оглед на тоа што веќе не живее со татко ѝ, важно е мајката да ѝ помогне на ќерката да продолжи со контактите и добриот однос со таткото. Секако, тука се важни и околностите околу разводот, како и односот на таткото со детето. Сѐ тоа се зема предвид.
А пак, друго испитување покажува дека разводот може негативно да влијае на образованието на девојчињата и на кариерата подоцна. За жал, околу 10 отсто од девојчињата кои доживеале развод на родителите, пројавиле намалена желба, снаодливост и успех на училиште. Сепак, во просек, истражувањата покажуваат дека повеќето девојки и жени се успешни на училиште и работа, особено ако имале и имаат постојана поддршка од барем еден родител.
Од друга страна, пак, разводот на родителите во рана возраст на момчето го зголемува лошото однесување кај него - во облик на агресија, насилство, деликвенција итн. Ова е особено изразено кога разводот се одликувал со поостри и чести судири меѓу родителите.
Повеќето момчиња, по неколку години го губат редовниот контакт со таткото. Некои истражувачи велат оти тоа дополнително го усложнува или ќе го одложи прилагодувањето и развојот кај машкото дете. Поради ова, стручњаците советуваат и препорачуваат дека на момчињата, особено оние кои влегуваат во адолесценцијата, им треба постојана присутност на таткото по разводот.
Во случај на врска со нов/-а партнер/-ка, вмешаност на очув или маќеа кусо време по разводот носи дополнителен стрес кај децата, предупредуваат психолозите. Меѓутоа, момчињата, се покажа, понекогаш ги доживуваат очувите како сојузници или пријатели и дека многу подобро го прифаќаат новиот член во семејството, за разлика од девојчињата.