Доналд Трамп неретко „сам се кани“ на свадбените свечености што се одржуваат на неговите голф-терени и во неговите луксузни хотели, па ги користи сите тие прилики и за политички говори... Овојпат се случи нешто слично, но сепак, различно, коментираат западните медиуми.
Неговото пристигнување во Судот во Њујорк вчера по повод новите обвиненија околу секс-скандалите, привлече поголеми групи поддржувачи, новинари, како и љубопитни и случајни минувачи. Тоа, повторно, му даде „поинаков тек“ на денот на двојките кои беа присутни да ја озаконат својата врска во Матичната служба на Градот Њујорк од другата страна на улицата.
- Не знаев дека тоа се случува токму таму, изјави Питер (30), кој дошол да се венча за својата избраничка Моник. - Тоа е смешно и нема да ни го уништи денот. Ова е наш ден!, се надоврза Моник.
И друг пар - Џејсон и Доминик ја имаа својата венчавка, но ниту тие немаа ништо против ваков „медиумски циркус“.
- Сигурно никогаш нема да го заборавиме ова, прокоментира Џејсон. - Тоа што Доналд Трамп е обвинет на денот на нашата венчавка нѐ прави уште посреќни, додаде неговиот избраник.