Децата со аутизмот заслужуваат активна вклученост и инклузивност во секоја сфера, особено во културната каде ќе можат да ја искажат својата креативност, ова беше истакнато на денешниот настан во рамки еколошки проект „Птици“, во организација на Зоолошката градина Скопје, отсекот за Индустриски дизајн при Машинскиот факултет и неколку училишта.

Настанот традиционално се одржа во Зоолошката градина во Скопје по повод одбележувањето на денот и месецот на лицата со аутизам.

- Целта на ваквите проекти е да се вклучат сите деца во светот на уметноста и со секој проект ние покажуваме и докажуваме дека децата со попреченост се подеднакво генијални и успешни како и сите останати. Она што досега на нив не им е дадено како шанса како можност да ги изразат своите творечки потенцијали, креираме такви проекти со кои децата се активно вклучени во проектите да бидат инклузивни, изјави координатор на проектот Маја Димитрова.

Покрај присутните деца од редовна настава и деца со попреченост, учениците од ОУ „Невена Георгиева Дуња“ и средното училиште „Цветан Димов“, присуствуваа и родители, како и студенти од Машинскиот факултет.

- Ние веќе втора година активно соработуваме со Националната галерија, на нивна покана сме вклучени во проектот и студентите на најразличен начин придонесуваат и ги менторираат учениците во изработката. Во овој конкретен проект покрај тоа што учествувавме со некакво знаење и вештини на студентите, придонесовме и со тоа што децата во нашата нова лабораторија изработија куќички дизајнирани од студентите, истакна Јелена Ѓокиќ, доцент на насоката Индустриски дизајн, информирајќи дека изработката траела околу две недели.

Еден од родителите на децата со аутизмот дополнително се осврна на предизвиците со кои се соочуваат секојдневно и како проблем го истакна како недостигот на институционална поддршка.

Сите родители на овие деца се големи херои бидејќи предизвиците да воспиташ и израснеш дете со посебни потреби е голем херојски чин. Се откажувате од многу работи во име на детето и неговиот успех, а притоа треба да се сочувате себе си за да можете да реагирате правилно. Познавам многу родители кои што освен државните институции плаќаат и приватно образование, бидејќи тоа што се нуди не е доволно. И тоа претставува дополнителен финансиски товар, сметајте дека работи само еден родител, а вториот мора да седи дома. Треба да се изменат и одредени законски регулативи на еден од родителите или децата да се додели некаква финансиска помош, што веќе ја има, но не е доволна, посочи родителот.

Тој изрази надеж дека институциите ќе излезат во пресрет и ќе помогнат во вработувањето на овие лица за да се зголеми нивната самостојност, заблагодарувајќи се на сите стручни медицински лица и ваквите проекти, бидејќи како што рече го прават видлив животот на децата со аутизам.

Низ неколку планирани работилници се развиваше еколошка свест кај најмладите, но и меѓусебно запознавање на едни со други. Учесниците на проектот ќе поставија изработените куќички за птици на различни локации во Зоолошката градина. Проектот е подржан од Министерството за култура.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/04/2023 12:20