Нов кабинет по информатика доби ООУ „Невена Георгиева Дуња” во Кисела Вода. Мултимедијалната училница е опремена со компјутери, смарт-табла, магнетна табла, обезбеден е и нов мебел, анатомски обликувани столчиња со што, како што соопшти општината, ќе се зголеми удобноста за работа и ќе се создаде попродуктивна работна атмосфера.
-Се работи за инвестиција обезбедена преку донација од Француски институт-Скопје, како и приватната компанија „Алумил” и „Уни Банка” кои на овој начин ја покажаа својата општествена одговорност. Интензивно работиме на унапредување на условите за основците од Кисела Вода, секојдневно создавајќи им можности за помодерен пристап во наставниот процес, информира Општина Кисела Вода за новиот кабинет во училиштето кое денеска го посети градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Ова училиште претходно беше опремено и со интерактивен панел, донација од Амбасадата на Франција, и веќе активно се користи во наставниот процес. Општината наведува дека со новоопремениот кабинет им се овозможува на учениците да ги унапредат нивните ИТ-вештини.
Во ООУ „Невена Георгиева Дуња” настава следат 618 ученици. Покрај повозрасните кои предметот Информатика го имаат во повисоките класови, новиот кабинет по информатика ќе го користат и учениците од одделенска настава кои „Работа со компјутери” изучуваат од трето одделение.
Кабинет за информатика претходно им беше обезбеден и на учениците од ООУ „Круме Кепески”, а за сите основни училишта во Кисела Вода во повеќе наврати се обезбедуваа дигитални табли и смарт телевизори.