Кинескиот технолошки гигант „Алибаба“ најави својата вештачка интелигенција, нешто слично на „Чет-ГПТ“ технологијата (ChatGPT), наречено „Тонѓи чијанвен“ (Tongyi Qianwen).
Намерата е овој „чет-бот“ да се интегрира во целиот бизнис на продажниот гигант во блиска иднина, но сè уште нема подробности за датумите. А, последниве месеци, повеќе технолошки компании ширум светот ги претставуваат своите тн. „чет-ботови“ со вештачка интелигенција, па и „Алибаба“ откри дека работи на свој „соперник“ на „Чет-ГПТ“.
„Тонѓи чијанвен“ во превод значи „барање одговори со илјадници прашања“, но „Алибаба“ не објави англиска верзија на името. Сепак, технологијата ќе работи на англиски и кинески јазик и првично ќе биде дел од „Дингток“ (DingTalk) - апликација за деловна комуникација на „Алибаба“. Новиот „чет-бот“ ќе извршува разни задачи - конвертирање разговори од состаноци во пишани белешки, пишување е-пошта, деловни предлози и слично.
Се знае дека тој ќе биде интегриран и во „Т-мол џини“ (Tmall Genie).
Интересот за овој вид технологија со вештачка интелигенција се зголеми откако „Опен-АИ“ го воведе „Чет-ГПТ“ во ноември лани. Оваа технологија може да учи од постоечките податоци и така да создава содржина, но и да одговара прашања користејќи „човечки јазик“. Исто така, може да имитира стилови на пишување и да го користи интернетот како своја база на податоци.
„Мајкрософт“ инвестираше милијарди долари во развој на оваа технологија, што во февруари стана и дел од пребарувачот „Бинг“. Таа ќе биде вметната и во „Офис“ програмите „Ворд“, „Ексел“, „Пауерпоинт“ и „Аутлук“.
„Гугл“ и кинеската група „Баиду“ исто така најавија свои модели чет-ботови со вештачка интелигенција.
Сепак, повеќе познавачи од светот на технологијата повикаа на запирање на развојот на ваквите системи со вештачка интелигенција бидејќи тие може да претставуваат опасност за луѓето.
Инвестициската банка „Голдман сакс“ проценува дека оваа технологија може да замени 300 милиони луѓе на нивните работни места. Италија минатиот месец стана првата западна земја што го блокираше „Чет-ГПТ“ поради загриженост за човечката приватност.