Компјутерскиот научник кого често го нарекуваат „кум на вештачката интелигенција“ ја напуштил работата во „Гугл“, па проговори за опасностите од новата технологија, објавија западните медиуми.

Имено, Џефри Хинтон, кој ја создаде основната технологија за системите за вештачка интелигенција, за „Њујорк тајмс“ предупредува дека напредокот на ова поле значи „длабоки опасности за општеството“ и за човештвото.

- Погледнете како беше пред пет години и како е сега. Погледнете колку е ова голем чекор, а вие постојано го проширувате. Страшно е!, истакна тој.

Според Хинтон, натпреварот меѓу технолошките гиганти ги принудува компаниите да произведуваат нови технологии за вештачка интелигенција со „опасна брзина“, загрозувајќи ги работните места на многу луѓе, но ги начна и оние со зли намери.

- Тешко е да се види како може да ги спречите „лошите чинители“ да го користат тоа за лоши работи, изјави тој.

Во 2022 година, „Гугл“ и „Опен-АИ“ - новата компанија зад популарниот чет-бот концепт за вештачка интелигенција - „Чет-ГПТ“, почнаа да градат системи користејќи многу поголеми количини податоци од порано. Хинтон верува дека овие системи на некој начин ја засенуваат човечката интелигенција поради количината податоци што се анализираат.

- Можеби она што се случува во тие системи е всушност многу подобро од она што се случува во мозокот... Вештачката интелигенција ја одзема напорната работа, но може да одземе и мнигу повеќе од тоа, додаде тој.

Научникот, имено, предупредува и на многу можното ширење дезинформации создадени од вештачката интелигенција, велејќи дека просечниот човек „веќе нема да може да знае што е вистина“. Хинтон го напуштил „Гугл“ минатиот месец.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/05/2023 11:56