Учениците од средното училиште „Раде Јовчевски-Корчагин“ со темата „Безбедноста во патниот сообраќај“ се победници на едукативната активност „Имам став“ која денеска се одржа во Собрание.

Училиштата „Раде Јовчевски-Корчагин“ од Скопје, „Јосип Броз-Тито“ од Битола со темата „Борбата со феноменот на лажни вести“, „Мирче Ацев“ од Прилеп, со темата „Начинот на исхрана и конзумирањето на брза храна“ во улога на матични комиси имаа за цел со аргументи и издржани анализи да ги претстават решенијата на предложените теми.

-Овој пехар е кулминација на сета таа посветеост пожртвуваност изминати часови на митинзи, исто така би сакал да ги поздравам моите колеги од Битола и Прилеп, беше изненадување да видиме дека нашите колеги од Битола и Прилеп имаат еден цврст јасен став. Кога сум влегувал во дискусија со мои врсници сметаа дека не треба младите да се занимаваат со политика, бидејќи тоа е губење време, затоа што има повеќе лицемерие, отколку искреност. Сепак политиката сакале или не сакале го конструира нашиот живот и ние мора да учествуваме во политиката доколку сакаме да ги преобратиме тие општествени процеси во наша корист и во корист на нашата држава, Република Македонија, порача еден од натпреварувачите во победничкиот тим.

Една од ученичките од тимот од „Мирче Ацев“ од Прилеп посочи дека е позитивно тоа што младите покажуваат интерес за вакви активности.

Пратеничката од СДСМ Лола Ристова која беше дел од жирито кое гласаше им порача дека понудените решенија на сите три теми треба да бидат присутни и во понатамошните дебати во Собранието.

-Решенијата кои што ги понудивте сите три групи навистина заслужуваат внимание и сметам дека час поскоро треба да бидат разгледани тука во Собранието, да им дадеме навистина заслужно место а вие да бидете тие кои на некој начин би помогнале за дополнително аргументирање во она што би било овде во Собранието, посочи Ристова.

Жири комисијата беше составена од пратеници и од власта и од опозицијата, а според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Игор Здравковски трите групи треба да бидат горди затоа што се први три најдобри училишта од вкупно 109 средни училишта ширум земјата.

- Има 109 средни училишта во Македонија, вие сте меѓу првите три и тоа треба да ви биде гордост, меѓутоа е многу тешко да се дојде до ови три, ама уште потешко ќе биде да се држите на ова ниво затоа ви треба континуитет во работењето, истрајност и ќе треба постојано да вложувате дополнителна енергија за да останете каде што сте, им порача Здравсковски.

Оцени дека предложените теми се многу важни во нашето општество.

Во февруари 2019 година, Парламентарниот институт започна со реализација на новата едукативна активност за ученици од средно образование, симулацијата „Имам став!“.

Едукативната активност „Имам став!“ претставува симулација на процесот на разгледување предлог-закон во рамки на Собранието. Активноста ги стимулира учесниците да развиваат сопствени ставови во врска со актуелни политички теми и да ги бранат со аргументи пред другите учесници, со цел изнаоѓање на решение кое ќе биде прифатено и поддржано од мнозинството на учесници. Подготвена е по примерот на едукативната активност „My Point of View“, организирана од страна на Сојузниот парламент на Швајцарската Конфедерација.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/05/2023 14:16