Социјалната мрежа „Блускај" (Bluesky) постои од неодамна, а веќе „ги презема“ корисниците на Твитер. Попознатите меѓу нив се ѕвезди како Дрил, или политичарката Александрија Окасио-Кортез.
Во основа, велат, се работи за „децентрализирана“ социјална мрежа поддржана од поранешниот извршен директор на Твитер - Џек Дорси, кој е еден од основачите на „Блускај" и член на одборот директори. Раководител на новата компанија е Џеј Гарбер, кој беше назначен на тоа позиција на Твитер пред доаѓањето на Илон Маск. Накусо, може да се каже дека ова е платформа основана од поранешни вработени лица во Твитер.
Наизглед, „Блускај" како платформа за микроблогирање има сличности со Твитер „во раните денови“. Но, тука сѐ уште не може да се праќаат приватни пораки, ниту да се објавуваат видеоснимки или ГИФ-датотеки. Она што засега е достапно, се пишани објави со најмногу 300 букви и знаци, коишто се нарекуваат „скитови“ - „skeets“ (вештачки гулаби), иако тоа е поим до којшто Гарбер не сака да се задржи, се претпоставува, оти во урбаниот сленг, тоа има и вулгарно значење. Покрај тоа, корисниците тука може да објавуваат и фотографии.
Но, нема ниту НФТ, ни „сини ознаки“ за проверка и верификација.
Корисник на оваа социјална мрежа, засега, може да се стане со покана од оние што веќе се корисници.
Откако Илон Маск го презеде Твитер, со сите промени потоа, многумина заклучија дека Твитер „не е тоа што беше некогаш“. Сепак, според познавачите, не треба да се брза со тврдења дека ова е „новиот Твитер“, иако некои веруваат во тоа.
Поканите, според познавачите, може да испаднат одлична работа, или пак, нешто што „ќе ја закопа“ мрежата, со тоа што, на пр., може да отвори врата за непожелни елементи, коишто, според многумина - го уништија Твитер. Во истовреме, може и добивањето нови корисници да оди премногу бавно па некои и да го изгубат интересот по предолго чекање покана.
Ако се случи новата платформа да одземе повеќе корисници од Твитер, тоа ќе биде своевидно изненадување, но според наводите - и „слатка одмазда за поранешните партнери на Твитер“... Пред Маск да го преземе Твитер, старата платформа и „Блускај“ беа во партнерство, а кога Маск потроши 44 милијарди долари за да го купи Твитер, тоа партнерство заврши, а „Блускај“ со тоа доби 13 милиони долари, па го создаде она што го има досега.