Бранителот на двојната круна во македонскиот ракомет „Вардар 1961“ во полуфиналето од националниот куп ќе игра против градскиот ривал „Алкалоид“, за кој тренерот на „црвено-црните“ Владо Недановски рече дека е противник што заслужува респект.

-Секој натпревар е нова битка, нова приказна, нов предизвик. На крајот од сезоната нема веќе лесни натпревари. Со „Алкалоид“ сезонава се сретнавме четирипати, и тие покажуваат дека напредуваат од натпревар во натпревар. Секој ривал го респектираме, и така е секогаш. Знаеме дека Купот е натпревар во кој нема поправен и решаваат нијанси во квалитетот, изјави попладнево тренерот на „Вардар 1961“ за клупскиот сајт.

Полуфиналниот натпревар е закажан за 11 мај во Охрид, а претходно оваа сабота ракометарите на Вардар 1961 му гостуваат во Битола на директниот конкурент за шампионската титула Еурофарм Пелистер.

-Пред нас е период на многу важни средби и целосно сме фокусирани на овој дел од сезоната. Единствено посакувам да бидеме комплетни и здрави, и да покажеме зошто сме освојувачи на двојната круна во Македонија, рече Недановски.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/05/2023 02:15