Трофејот во македонскиот ракометен куп остана во сопственост на Вардар 1961, откако „црвено – црните“ во драматична завршница го совладаа во финалето во Охрид големиот ривал Еурофарм Пелистер со 26-25.

Со триумфот Вардар дојде до својата 16. куп титула во клупската историја и му се реваншираше на Еурофарм Пелистер за минатонеделниот гостински пораз во рамки на Суперлигата со кој најверојатно му ја предаде шампионската титула на тимот од Битола.

Финалниот натпревар во полната сала „Билјанини извори“ почна во целосна на доминација на ракометарите Вардар 1961, кои беа во континуирано водство во првиот дел и на полувреме заминаа со предност од 16-12.

Финалето навести неизвесен финиш кога Еурофарм Пелистер ја намали негативата на 22-23 во 54 минута и го имаше последниот напад за израмнување, но Вардар 1961 одолеа и трета сезона во серија триумфираше во Купот.

Пред крајот на натпреварот меѓу екипите на Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер се случи мал инцидент и турканица меѓу играчите, а еден од полициските службеници со пендрек го удри по главата македонскиот репрезентативец Филип Талески.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/05/2023 05:57