Ѓердан и обетки од бисер што ѝ припаѓале на покојната британска принцеза Дијана и коишто таа ги носела на еден од нејзините последни јавни појавувања, ќе бидат понудени на аукција во јуни.

Имено, Лејди Ди во јуни 1997 година присуствуваше на изведба на „Лебедово езеро“ на Британскиот национален балет во „Ројал Алберт хол“ во Лондон. Ѓерданот содржи платина, седум бисери од Тихиот Океан и 178 дијаманти. Нејзините фотографии од таа вечер го обиколија светот.

Накитот е дело на златарницата „Гарард“ во Лондон, а во дизајнот учествувала и Дијана. По балетот, таа го вратила, за во „Гарард“ да може да ѝ направат и пар соодветни обетки. Но, во меѓувреме, таа погина во Париз.

Комплетот познат како „Лебедово езеро“ ќе биде понуден на наддавање во хотелот „Пјер“ во Њујорк на 27 јуни. Дијамантите вкупно имаат вредност од над 50 карати.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/05/2023 11:41