Европската ракометна федерација (ЕХФ) денеска го одреди распоредот и локациите на кои ќе се игра ЕУРО2024 кое ќе биде отворено со дуелот меѓу македонската ракометна репрезентација и Франција на 10 јануари идната година.

Натпреварот на македонските ракометари против трикратниот европски првак ќе се игра во Меркур – Шпил Арена во Дизелдорф со почеток во 18:00 часот, а подоцна на истиот стадион со капацитет од 54.600 седишта домаќинот Германија од 20:45 часот ќе ја пречека Швајцарија во рамки на воведното коло од групата А.

ЕХФ соопшти дека „воведниот ден на ЕУРО2024 се очекува да привлече на трибините на стадионот во Дизелдорф околу 50.000 гледачи, што ќе биде рекордна посетеност во историјата на светскиот ракомет“.

Преостанатите два натпревари во рамки на групата А избраниците на селекторот Кирил Лазаров ќе ги одиграат во Берлин, на 14 јануари против Германија и на 16 јануари против Швајцарија.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/05/2023 03:40