Првпат по нападот со нож во САД во август минатата година, кој за малку ќе го чинеше живот, писателот Салман Ружди повторно се појави во јавност синоќа во Њујорк на настанот на Американскиот ПЕН.

Познатиот романсиер со индиско потекло, натурализиран Американец кој живее во Њујорк, доби почесна награда од таа организација чиј претседател беше.

Неговото присуство беше ненајавено и им се обрати на 700 гости

Американскиот ПЕН, организација која се бори за слободата на изразување, рече Ружди, никогаш не била толку важна, соопштија од организацијата.

„Тероризмот не смее да не тероризира. Насилството не смее да не одврати. Борбата продолжува“, порача тој на француски, шпански и англиски јазик.

На 12 август минатата година, Ружди беше поканет на книжевна конференција во Чаутаука, мал град во северозападниот дел на државата Њујорк.

Во моментот кога зел збор, млад Американец со либанско потекло го нападнал и со нож го прободел десет пати.

Гледачите и чуварите го совладале напаѓачот, кој веднаш бил уапсен, обвинет и затворен во очекување на судењето.

„Да не беа тие луѓе, јас сигурно немаше да бидам овде денес. Бев цел тој ден, но тие беа херои... Им го должам животот“, изјави Ружди.

Неговиот агент Ендрју Вајли минатиот октомври откри дека Ружди го изгубил видот на едното око и не можел да користи една рака.

Во Њујорк, Ружди носеше очила со црно стакло на едното око.

Во февруари, кога беше објавен неговиот последен роман „Градот на победата“, писателот за магазинот „Њу Јоркер“, во своето прво интервју по нападот, изјави дека има многу проблеми со пишувањето и дека пати од посттрауматско стресно нарушување.

Ружди живее од 1989 година под смртна закана издадена од Иран по објавувањето на неговата книга „Сатански стихови“.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/05/2023 11:04