Филмот "М" на Вардан Тозија имаше проекција во рамките на маркетот на Канскиот филмски фестивал.

Како што информира продуцентот „Фокус Покус Филмс“, проекцијата е организирана и реализирана од страна на компанијата за продажба на филмови „OneTwoThree Media“ која ги поседува ексклузивните права за светска дистрибуција.

Првата проекција на "М" беше во рамките на маркетот на Берлинскиот филмски фестивал.

Филмот е дистописка бајка за малиот, осамен Марко, кој низ урнатините на суровиот, мрачен свет на нашата блиска иднина е во потрага по својата самовила.

Сценариото на М е напишано од Вардан Тозија во соработка со Даријан Пејовски, селектирано е меѓу десет сценарија од Источна и Централна Европа на реномираната интенационална работилница за развој на сценарија Скриптист.

Проектот беше успешно презентиран на филмските маркети во Солун и Олденбург, а беше дел од works in progress сесиите во склоп на филмските фестивали во Софија, Пула и Котбус. Во развојната фаза приказната ги освои главните награди на фестивалите во Солун и Пула.

Покрај филмското деби на младите актери-аматери Матеј Сиваков и Александар Ничовски, во филмот се појавуваат и дузина искусни и препознатливи актерски имиња: Сашко Коцев, Камка Тоциновски, Тони Михајловски, Бојана Грегориќ Вејзовиќ и други.

Фотографијата е на Владимир Самоиловски, костимите ги потпишаа Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек, сценографијата е на Кирил Спасески Кикич, а маскер е Горан Игњатовски. Монтажата е дело на Атанас Георгиев и Благоја Неделковски, а музиката на францускиот композитор Натанаел Бергезе.

Филмот е копродукција помеѓу Северна Македонија, Хрватска, Косово, Франција и Луксембург. Носител на проектот е Фокус Покус Филмс, а како продуценти се јавуваат Дарко Попов и Вардан Тозија.

„М“ ќе ја има својата македонска премиера на 13 јули 2023, кога ќе го отвори филмскиот фестивал Синедејс во Скопје. Филмот ќе игра во кината низ земјава од септември, наведува продуцентот.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/05/2023 12:00