Домот на холандскиот фудбалски репрезентативец во редовите на Валенсија, Џастин Клајверт, бил цел на крадци, кои освен што предизвикале материјална штета, повредиле и две жени.

„Тројца мажи со качулки упаднале во куќата во Бетера, предградие на Валенсија. Притоа две женски лица се полесно повредени“, соопшти локалната полиција, а подоцна стана јасно дека една од повредените е девојката на холандскиот репрезентативец, која ја повикала полицијата.

Од домот на Клајверт биле украдени пари, накит и часовници, и била нанесена штета од околу 150.000 евра.

Ова е последниот во серијата грабежи чија цел беа домови на познати фудбалери во шпанската Ла Лига. Изминатите месеци беа извршени грабежи во куќите на фудбалерите на мадридски Реал – Бензема, Родриго и Карвахал.

Џастин Клајверт е син на легендарниот холандски напаѓач Патрик Клајверт, а го носи дресот на шпанскиот прволигаш Валенсија од 2022 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/05/2023 12:44