Женскиот ракометен клуб Стружанка е победник на финалниот турнир во кадетската лига, откако во финалето синоќа ја победија екипата на Ѓорче Петров со 28:24. Завршниот турнир за најдобрите четири екипи се одигра во спортската сала ,,Методи Митевски - Брицо" во Делчево, а на него учествуваа и екипите на ЖРК Скопје и ЖРК Делчево.
- Оваа генерација заслужи да го освои овој турнир, бевме без пораз во првенството, еве и денес победивме. Еве честитки до мојата екипа и до сите екипи кои учествуваа, рече тренерот на Стружанка, Владимир Паноски.
Во натпреварот за третото место екипата на Скопје беше подобра од домаќинот ЖРК Делчево.
- Ние требаше да играме во финале, и затоа не сум задоволна од третото место, секоја година сме трето место, но се надевам дека во иднина тоа ќе се смени, истакна Андријана Будимир, тренер на екипата на ЖРК Скопје.
За тренерот на домашната екипа, самиот факт што Делчево е меѓу четирите најдобри е одличен успех.
- Единствено очекував публиката да биде нашиот осми играч, но како да имавме дополнителен притисок поради тоа што играме дома. Како и да е за нас е успех што сме меѓу најдобрите во Македонија, рече Велков.
Покрај медалите и пехарите за најдобрите три екипи, награди добија и најдобрите ракометарки на турнирот.