Американскиот глумец Тријт Вилијамс, чијашто речиси 50-годишна кариера вклучува главни улоги во телевизиската серија „Евервуд“ и филмот „Коса“, загина во сообраќајна несреќа со судир на мотор и теренец во американската сојузна држава Вермонт, соопшти полицијата. И агентот на актерот ја потврди неговата смрт.

Полицијата соопшти дека 71-годишниот Вилијамс бил на својот мотор и носел кацига. Тој не можел да го избегне судирот и паднал од возилото, здобивајќи се со сериозни повреди, па со хеликоптер бил пренесен во Медицинскиот центар во Олбени, во сојузната држава Њујорк, каде што бил прогласен за мртов.

Возачот на теренецот се здобил со полесни повреди.

Глумецот, чие целосно име е Ричард Тријт Вилијамс, живееше во Манчестер Центар, јужен Вермонт. Тој ја почна својата филмска кариера во 1975 година како полицаец во филмот „Смртоносен херој“ (Deadly Hero), а потоа се појави во над 120 филмски и ТВ-улоги, меѓу кои и во „Орелот слета“ (The Eagle has Landed), „Принцот од градот“ (Prince of the City) и „Беше еднаш во Америка“ (Once Upon a Time in America).

Тој беше номиниран за наградата Златен глобус за неговата улога во мјузиклот „Коса“ (Hair) од 1979 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/06/2023 16:32