Подготовките за 30-тото издание на Интернационалниот музички фестивал „Охрид- фест-Охридски трубадури“ се во полн ек. Како што е предвидено со програмата, на 1 и 2 септември на прекрасната сцена на Долни Сарај во Охрид ќе се одржат Фолк и Интернационалната вечер на јубилејното издание на фестивалот, а организаторот најавува многу квалитетна музика со етаблирани изведувачи кои на вистински начин ќе го одбележат фестивалскиот јубилеј.

„Во 1994 година започнаа ’Охридски трубадури’, а традицијата продолжува годинава со 30-тото издание на ’Охрид фест-Охридски трубадури’. Фестивалот тогаш имаше само фолк-вечер“, вели основачот и идејниот творец на фестивалот, Григор Копров, кој и самиот одбележува пет децении успешна професионална музичка кариера.

Во 1995 година фестивалот беше проширен со поп- вечер, а потоа и со Интернационална вечер. Во многуте испишани страници на „Охрид фест“, покрај неброените хитови што ги создал фестивалот („Усни на усни“-Тоше Проески, „ Јас и мојот бенд“- Биба Додева, „Јана“- Гиш, „За љубов се пее до крај“, дует Ристо Самарџиев и Влатко Илиевски, „Цреши охридски“ - Александар и Дац, „Штом ноќта помине“- Гоце Арнаудов, „Ех да свири Садило“ - Биоритам..,), речиси и да нема уметник од бившите југословенски републики што не учествувал на фестивалот меѓу кои Бајага, Горан Каран, „Нови Фосили“, Беби Дол, Хелена Благне, Маја Татиќ, Саша Матиќ, Елеонора Баруџија, „Балканика“, Емилија Кокиќ...

Годинава фолк-вечерта ќе мине во знак на македонската фолк елита со Наум Петрески, Зуица Лазова, Петар Нечовски, Нино Величковски, Душко Георгиевски меѓу другите....

На интернационалната вечер во ревијалниот дел ќе настапат Гоца Тржан и Принц, Алка Вуица, Срѓан Марјановиќ, Дарко Капо и Зорица Андријашевиќ.

Наградата за промоцијата на музиката на Балканот ќе му припадне на легендарниот Дадо Топиќ, додека Неда Украден ќе добие награда за безвременскиот хит „Зора је“, што ќе го изведе на сцената на Долни Сарај.

Од фестивалот ќе има директен пренос на националниот сервис на Македонската телевизија, а фестивалот може да се следи и на телевизии станици во Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Босна, Грција, Албанија, Бугарија, меѓу кои и директниот пренос на „Гранд“ телевизијата.

Организаторите најавуваат уште изненадувања, уште гостувања, покрај вообичаените награди и новинарите во двете вечери ќе доделат награда за песната што најмногу им се допадне.

Влезот за фестивалските збиднувања ќе биде слободен за сите заинтересирани.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/06/2023 13:00