„Налеј, налеј“ е песна која често и со огромно задоволство ја изведувам на моите настапи. Верувам дека преку овој проект ќе успееме убавата македонска песна да ја доближиме до младите луѓе. „Налеј, налеј“ се пее со многу емоции и без нив нема успешна изведба, јас песната ја сакам и ја чувствувам, и верувам дека и публиката ќе го препознае тоа“, вели Миле Кузмановски, кој е дел од музичките имиња вклучени во проектот „Македонијо во срце те носиме“, а чија изведба е всушност третата по ред нумера што јавноста добива можност да ја чуе.
„Налеј, налеј“ е македонска народна песна, чии стихови според достапните податоци се напишани во далечната 1903 година и посветени на љубовта на гемиџиите, а за која овојпат аранжманот го потпишува Николче Мицевски.
Зад видеото, како и комплетната реализација на проектот, кој ги содржи некои од најубавите македонски патритоски песни, стои Скендеровски продукција. „Македонијо во срце те носиме“ содржи 12 нумери отпеани од 12 изведувачи - меѓу кои освен Миле Кузмановски, Огнен Здравковски и Ламбе Алабаковски, чии изведби публиката веќе имаше можност да ги чуе, јавноста уште ќе ги чуе и види и: Наум Петрески, Сузана Спасовска, Бојана Скендеровски, ДНК, Андријана Јаневска, Александар Тарабунов, Мина Блажев, Марија Спасовска и Зуица Лазова. На списокот нумери кои имаат за цел убавата македонска песна да ја доближат до помладите генерации се и „Заветна“, „Налеј, налеј“, „Народе македонски“, „Едно име имаме“, „Земјо македонска“, „Ој, Вардаре“, „Оган да го гори“, „Послушајте патриоти“, „Ми заплакало село Ваташа“ ...
Како дел од проектот наесен планиран е и концертен караван кој под истото име ќе ја обои Македонија во најубавите звуци - да ја обоиме Македонија со најубавите звуци и да го зачуваме највредното – музичкиот аманет кои ни го оставиле генерациите пред нас.
Уживајте во неповторливата изведба на Миле Кузмановски и прекрасната „Налеј, налеј“: