Компанијата „Инста-360“ ја претстави малата тн. акциона камера „Инста-360 ГО 3“, што го наследува ултрапреносливиот модел „ГО 2“, а доаѓа со „Екшн под“ и екран на допир што може да се врти.

Новиот фотоапарат- камера тежи само 35 грама, има отвор на бленда „ф/2,2“ и фокусна должина од 11,24 милиметри. Може да фотографира во ИНСП и ДНГ-формат и да снима видео во МП4 формат. Исто така, фотографиите може да се направат во резолуција од 2.560 x 2.560 (1:1), 1.440 x 2.560 (9:16), 2.560 x 1.440 (16:9) и 2.936 x 1.088 пиксели (2,7:1).

„ГО 3“ оди со батерија од 310 мегаампер-часови којашто се полни за 35 минути, а едно полнење е доволно за 45 минути работа. Тоа може и да се продолжи до 170 минути благодарение на „Екшн под“ опцијата.

Камерата е компатибилна со оперативните системи „Андроид“ и „ИОС“. Има три опции за меморија - 32, 64 и 128 гигабајти, за цени од 430, 450 и 480 евра, соодветно. Продажбата во Европа веќе почна.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/06/2023 15:50