Коко Ли, пејачката од Хонг Конг, чија песна од филмот „Притаен тигар и скриен змеј“ беше номинирана за „Оскар“, почина вчера на 48-годишна возраст, соопшти нејзиното семејство.
„Коко страдаше од депресија неколку години, но нејзината состојба драстично се влоши последниве неколку месеци. Иако Коко побара стручна помош и се бореше со депресијата најдобро што можеше, демонот во неа за жал беше посилен... Коко е позната и по тоа што неуморно работеше на отворање нов свет за кинеските пејачи на меѓународната музичка сцена и даде сè за да блесне во полза на кинескиот народ. Ние сме горди на неа“, објавија нејзините сестри Керол и Ненси Ли на својот интернет-простор.
Ли помина дел од своето детство во Сан Франциско, САД и студирала на Универзитетот на Калифорнија во Ирвин. Таа се прослави во 1990-тите кога издаде неколку поп-албуми на мандарински, англиски и кантонски. Последниот од нејзините 18 албуми беше објавен во 2013 година
Нејзината песна „A Love Before Time“ беше номинирана за „Оскар“ за најдобра оригинална песна во 2001 година. Таа номинација беше една од десетте за филмот „Притаен тигар и скриен змеј“, којшто освои четири Оскари. Ли исто така го позајми својот глас за мандаринската верзија на цртаниот филм „Мулан“ на „Дизни“ и ја сними „Reflection“ - тематската песна за тој филм.
Таа се омажи за канадскиот бизнисмен Брус Роковиц во 2011 година. Изминативе 29 години, таа освои и бројни други меѓународни награди, и ја забавуваше публиката со настапите во живо.