Работата на „Комунална хигиена“ Скопје е вратена во нормала, сметот редовно се чисти и сите вработени ги извршуваат своите работни задачи. Оваа политички инструирана блокада имаше единствено за цел нарушување на мојот личен кредибилитет, нарушување на кредибилитетот на претпријатието и нарушување на личниот и професионалниот кредибилитет на градоначалничката Арсовска и, што е најважно, заштита на интересите на мафијашките структури во нашето претпријатие, изјави попладнево на прес-конференција Косана Мазнева, директорка на комуналното претпријатие на главниот град.

Придружена од градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, Мазнева рече дека помала група вработени неколку дена го блокирале редовното работење и не дозволувале да биде исчистен сметот на територијата на Скопје. Повеќе од 15 години тие биле постојано трета смена, а поголем дел од нив, како што рече, воопшто не се појавувале на работа. Екипите од ноќеска по 1 часот, рече таа, се пуштени на терен и сметот ќе се исчисти од сите општини во Скопје, најпрво од главните сообраќајници.

-Градската администрација и „Комунална хигиена“ Скопје успешно се справи со опструкциите и блокадата на работата на нашето претпријатие од страна на мафијашките структури коишто не дозволуваа ниту еден вработен да ги извршува своите работни задачи, рече Мазнева.

Додаде дека иако ги известиле надлежните институции за блокадата со која се соочува претпријатието, „на мафијашките структури им беше дозволено и понатаму да продолжат со самоволието и незаконската блокада на работата на нашето јавно претпријатие“.

На прашањето кои се „мафијашките структури“, одговори дека „уште пред неколку дена е известено и МВР и Јавното обвинителство“ .

-За тие лица за коишто ние пријавуваме сомнение и имаме одредени документи како помош кои би им послужиле на ЈО и на МВР се веќе уредно доставени. Значи, имаме кривични пријави и се што требаше да биде направено од наша страна и сите институции коишто требаа да бидат информирани се целосно информирани. Дури мислам дека може малку побрзо да постапат од она што го направија, изјави Мазнева и додаде дека ќе треба да се консултира дали може да ги објави нивните имиња заради заштитата на лични податоци.

Соопшти и дека соодветни пријави ќе бидат поднесени и за лица кои пред медиумите клеветат и поттикнуваат гнев со лажни изјави. Нагласи и дека ЈП „Комунална хигиена“ е во целосна кондиција и вработените првпат од 2007 година добиле регрес на плата и по многу години им е доделена заштитна опрема.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/07/2023 20:13