„Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“ не звучела никогаш помоќно од сега – отпеана од златното грло на Наум Петрески, а спакувана со мерак од маестро Николче Мицевски.

„Оваа песна е легендарна за нас Македонците и треба да се негува, впрочем, како и сите патриотски песни кои оставиле трага во нашата историја. Чест ми е што ја пеам во рамки на проектот „Македонијо во срце те носиме“, а уште посреќен сум што можам да испратам една убава порака, особено до младите – да продолжат да ја чуваат македонската песна бидејќи нема кој друг да ја чува, особено во ова време кога секојдневно и од сите страни сме напаѓани“, вели Наум.

„Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“ е отпеана во чест на македонскиот револуционер и просветен деец, а, според историчарот Коста Црнушанов, истата е создадена брзо по смртта на Миле. Според други извори, пак, била отпеана уште на неговиот погреб. Во 2006 година оваа песна е прогласена за официјална химна на градот Велес.

Инаку, ова е петтата по ред нумера од проектот „Македонијо во срце те носиме“, составен од 12 композиции во изведба на 12 изведувачи. Зад видеото, како и комплетната реализација на проектот во чии рамки јавноста уште ќе ги чуе и види и: Сузана Спасовска, Бојана Скендеровски, ДНК, Андријана Јаневска, Александар Тарабунов, Марија Спасовска и Зуица Лазова; се потпишува Скендеровски продукција.

Кон крајот на летото публиката ќе има можност сите 12 песни да ги слушне и во живо, бидејќи во план е и концертен караван кој под истото име ќе гостува во неколку македонски градови - да ја обоиме Македонија со најубавите звуци и да го зачуваме највредното – музичкиот аманет кои ни го оставиле генерациите пред нас.

Уживајте во неверојатиот глас на Наум Петрески и моќната изведба на „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“



Автор: Администратор
Објавено на: 12/07/2023 05:00