Ако имаа двотретинско мнозинство до сега, во овие изминативе нешто повеќе од година дена, овие уставни измени ќе беа веќе на маса, односно потребата за отворање на Уставот ќе беше на маса и така ќе знаевме што сме и како сме, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на денешната посета на општина Петровец.

Мицкоски укажа дека е јасно оти немаат двотретинско мнозинство. „Јасно е дека немаат две третини, сега веќе борбата кај поединци во Владата не е за уставните измени, борбата е како да го поминат месец август и дополнително да манипулираат со граѓаните и со јавноста бидејќи се под избори за избори на есен. А избори на есен за дел од владините министри кои се дел од помалиот коалициски партнер СДСМ ќе значи крај на нивната политичка кариера. Но, исто така и за дел од министрите кои се дел од ДУИ ќе значи исто крај на нивната политичка кариера, бидејќи силно верувам дека ќе бидат непријатно изненадени од резултатот кој ќе се случи доколку тие избори бидат на есен предвремени“, кажа Мицкоски.

Мицкоски посочи дека сега веќе ова е борба како да се премости август да дојде септември. „Потоа ќе биде беспредметно барањето за предвремени парламентарни избори, бидејќи секако март, април имаме редовни претседателски и итн. Овде веќе не барајте политика, туку ситно лично политикантство како да бидат на функција уште неколку месеци, да крадат, да местат тендери во четири очи, да ги управуваат возилата на комшиите, пријателите“, рече Мицкоски. Но, додаде тој, забораваат дека новата влада планира да ги истражи сите овие индиции. „Така да и биде јасно на македонската јавност уставни измени нема да има под бугарски диктат во овие услови, така ќе биде и на пленарната седница кога и да се случи тоа“, кажа Мицкоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/07/2023 16:55