Само во првите три недели од прикажувањето, филмот „Звукот на слободата“ заработи над 100 милиони долари во САД и околу 49 милиони ширум светот.

Инаку, овој успех за многумина е неочекуван. Се работи за нискобуџетен религиозен трилер, приказна за поранешен таен агент на американската Влада, кој се откажува од својата работа за да спасува деца од сексуална експлоатација. Заплетот и главниот лик предизвикаа одобрување дури и кај поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп и неговите конзервативни поддржувачи.

Режисер на трилерот е Алехандро Гомез Монтевердо. Тој го напиша и сценариото, кое се заснова на биографијата на Тим Балард кој ја напуштил државната работа и ја основал невладината организација „Операција Подземна железница“ за заштита на децата.

Главната улога ја толкува Џејмс - Џим Кавизел, а покрај него се и оскаровката Мира Сорвино, Бил Кемп и други.

Создавачите на „Звукот на слободата“ (Sound of Freedom) работат на него веќе неколку години. Филмот првично беше проект на студиото „20 Сенчури“, но откако компанијата беше припоена кон „Дизни“, продукцијата се одолжи.

Според приврзаниците на филмот, „Звукот на слободата“ е „народен" филм што е своевидна противтежа на современите нови „премногу либерални“, па дури и „зли“ културни трендови промовирани, меѓу другото, и од голем дел од Холивуд. Според противниците, филмот е премногу и преувеличено насочен против неолиберализмот.

Публиката и критичарите всушност позитивно го оценуваат филмот. На ИМДБ, оценката гласи 7,9 / 10, од 41.000 оценувачи. Оценката на „Метакритик“ е 7,7 / 10, а на „Ротен томатос“ засега го препорачуваат 99 отсто од гледачите



Автор: Администратор
Објавено на: 31/07/2023 15:07